Јетон Беќири ја продолжува тренерската кариера надвор од Македонија, откако и официјално беше именуван за нов тренер на азербејџанскиот суперлигаш Габала. Македонскиот стратег со клубот постигна договор за една сезона, со опција соработката да биде продолжена за дополнителни две години. На новата позиција ќе започне со работа од 20 септември, а во стручниот штаб ќе му се приклучи Бурхан Емрулаи, досегашен тренер на второлигашот Камјани.
Беќири зад себе има успешна епизода на клупата на Шкендија. Во сезоната 2024/25 со тетовскиот тим ја освои шампионската титула во Македонија, а потоа успеа да го однесе клубот и до историски пласман во нокаут-фазата на Конференциската лига. Во досегашната кариера работеше и во Дрита, Гостивар, Ренова и Струга, а беше тренер и на албанскиот Билис Балш. Покрај тренерската работа, Беќири има искуство и како спортски директор во саудискиот клуб Ал Џабалаин.
Сега пред 44-годишниот стратег е ново поглавје, со задача да го предводи Габала во продолжението о сезоната и да донесе свои идеи во азербејџанскиот фудбал.

