По повеќе од една деценија верност кон Милвоки, Јанис Адетокумбо е на прагот на своето официјално деби за Мајами Хит. Двократниот МВП ги заврши подготовките и во среда против Минесота Тимбервулвс за првпат ќе истрча на паркетот во новиот дрес, подготвен за предизвиците што ги носи преселбата на Флорида.
Зад екипата се три недели интензивна тимска работа и три контролни натпревари на кои Гркот забележа солиден просек од 15.7 поени. Сепак, наместо на индивидуалната статистика, фокусот е ставен на неговата експресна адаптација и градењето на кохезијата во соблекувалната.
„Добро се чувствувам, пријатно ми е. Сè ми одговара, соиграчите, екипата, системот, времето, градот, навивачите. Мислам дека хемијата е таму каде што треба да биде. Пристапот е извонреден. Напорно работевме овие 22 дена, се зближивме како екипа и надвор од теренот. Возбуден сум што ќе играм вистинска кошарка и едвај чекам да ја почувствувам енергијата во салата“, изјави Адетокумбо.
Очекувањата од новиот ростер на Мајами се големи, но искусниот крилен центар ја спушта топката на земја кога станува збор за инстант шампионски амбиции, потсетувајќи дека патот до прстенот е маратон.
„Ваква врева ме следи низ целата кариера. За мене тоа не е ништо ново. Можеби е за некои играчи во екипата, но не можеме да освоиме титула на подготовки или во првиот натпревар. Би сакал да можевме да одиграме само еден меч и да бидеме шампиони, но не можеме“, порача новиот лидер на Хит.

