Кошарка Меѓународна кошарка

Јанис Адетокумбо се сели во Мајами Хит по 13 години во Милвоки!

Една од најголемите трејд-бомби во модерната историја на НБА Лигата конечно експлодираше. Најдобриот кошаркар во историјата на франшизата од Висконсин, Јанис Адетокумбо, го напушта Милвоки Бакс по цели 13 години и својата кариера ќе ја продолжи во редовите на Мајами Хит, пренесува елитниот инсајдер Шемс Шаранија. Трасата на овој историски премин е веќе дефинирана, а тимот од Флорида покрај грчката суперѕвезда во својот состав го добива и искусниот Боби Портис.

За да дојде до потписот на една од најдоминантните сили на денешницата, раководството на Мајами Хит мораше да испрати огромен пакет во спротивна насока. Милвоки Бакс во оваа размена ги добива Тајлер Хиро, Келел Вер, Хаиме Хакез Џуниор, Каспарас Јакучионис, како и високото 13-то место на претстојниот НБА Драфт. Покрај играчкиот кадар, пакетот вклучува и два незаштитени пика од првата рунда за 2031 и 2033 година, право на замена на пиковите во 2030 година и избор од втората рунда во 2033 година. Според информациите на ЕСПН, на маса имало и сериозна понуда од Бостон Селтикс, кои го нуделе Џејлен Браун и два пика од првата рунда, но челниците на Бакс процениле дека пакетот од Мајами носи многу повеќе млади играчи и долгорочна флексибилност за иднината.

Со овој потег официјално завршува најдобрата и најуспешната ера во историјата на тимот од Висконсин. Јанис Адетокумбо пристигна во Милвоки како 15-ти пик на драфтот во 2013 година, а си заминува како десеткратен Ол-Стар учесник, двократен МВП на регуларниот дел од сезоната, најдобар дефанзивец во лигата, МВП на големото финале и човекот кој во 2021 година му ја донесе на клубот првата шампионска титула по половина век чекање. Иако минатата сезона одигра само 36 натпревари поради сериозни проблеми со повредите, тој бележеше брутален просек од 27,6 поени, 9,8 скокови и 5,4 асистенции по натпревар со неверојатни 62% реализација од игра.

И покрај тоа што со години одбиваше јавно да побара трејд, односите меѓу суперѕвездата и клупската организација стануваа сè позатегнати во последно време. По освојувањето на прстенот, Милвоки Бакс успеа да победи во само една плејоф-серија, по што врза три последователни елиминации во првата рунда и една сезона без пласман во доигрувањето. Извори блиски до кошаркарот откриваат дека Јанис и неговиот агент уште од мај 2025 година јасно им ставиле до знаење на челниците дека немаат намера да потпишат ново долгорочно продолжување на верноста, што ги принуди Бакс да реагираат пред да го загубат без никаква отштета.

Од друга страна, Мајами Хит добива капитално засилување околу кое веднаш може да гради нов шампионски проект. Тандемот кој ќе го сочинат Јанис Адетокумбо и Бем Адебајо моментно станува еден од најстрашните и дефанзивно најмоќните двојци во целата НБА Лига. Претседателот на франшизата, легендарниот Пет Рајли, уште еднаш ја покажа својата подготвеност да повлече историски потег кога ќе се укаже и најмала прилика, носејќи го најзвучното засилување во клубот уште од доаѓањето на Леброн Џејмс i Крис Бош во епската 2010 година.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.