Репрезентацијата на Грција ќе мора да ги одигра претстојните квалификациски натпревари за Светското првенство без својата најголема ѕвезда Јанис Адетокумбо. Двократниот МВП во НБА лигата нема да му биде на располагање на националниот тим во августовскиот ФИБА прозорец, а причината не е повреда, туку барање од неговиот нов клуб Мајами Хит.
По 13 години минати во Милвоки Бакс, Адетокумбо ова лето направи голем трансфер во Мајами, а раководството на тимот од Флорида побара од него предвреме да отпатува во САД. Целта е грчкиот кошаркар веднаш да се вклучи во подготовките, да ги запознае новите соиграчи и да гради хемија во екипата пред почетокот на новата сезона.
Ова е голем удар за јужните соседи пред важните пресметки во квалификациите, каде што на 28 август гостуваат кај Украина во Рига, а три дена подоцна во Атина ја пречекуваат репрезентацијата на Шпанија. Иако Адетокумбо првично имаше желба да му помогне на националниот тим, сепак одлучи целосно да му се посвети на новиот клуб и својот следен настап за Грција да го одложи за 2027 година.

