Судирот меѓу најголемите ривали во грчката кошарка кулминира. Првиот човек на Панатинаикос, Димитрис Јанакопулос, повторно предизвика вистински земјотрес во јавноста со серија жестоки обвинувања на сметка на Олимпијакос, дополнително распалувајќи ги страстите во моменти кога грчката кошарка ја тресе сериозен скандал.
Јанакопулос преку социјалните мрежи го продолжи вербалниот дуел со клубот од Пиреја, директно доведувајќи ги во прашање сите околности под кои ривалот освојувал трофеи и отворајќи ново, уште пожестоко поглавје во повеќедецениското ривалство.
„Тим со неограничен буџет за својот правен сектор. Наместени судии значат и наместено првенство“, дециден е првиот човек на „зелените“.
Тој отиде и чекор понатаму, критикувајќи го Олимпијакос за нивната наводна поддршка кон лица кои во моментов се наоѓаат во притвор под сомнение за наместени натпревари. Јанакопулос го спомена и нивното присуство на финалните мечеви, отворено фрлајќи сомнеж врз регуларноста на натпреварувањето.
Од друга страна, раководството на Олимпијакос претходно ги отфрли сите обвинувања, истакнувајќи дека не сака да биде дел од никакви игри околу судењето и побара исклучиво рамноправен третман за сите екипи. Клубот од Пиреја категорично ја демантираше секоја поврзаност со истрагата што ја бранува спортската јавност.

