Кошарка Меѓународна кошарка

Јанакопулос се закани со правна битка, Панатинаикос бара да му се врати „украденото“!

Сопственикот на Панатинаикос, Димитрис Јанакопулос, најави голема правна битка во наредниот период, тврдејќи дека неговиот клуб ќе се обиде да го врати она што, според него, му било неправедно одземено. Првиот човек на грчкиот гигант испрати остра порака преку својот профил на Инстаграм, најавувајќи случувања кои би можеле да предизвикаат големи реакции во кошаркарската јавност.

Јанакопулос не откри конкретни детали за случајот, ниту посочи против кого ќе биде насочена најавената правна постапка. Сепак, од неговата објава може да се заклучи дека Панатинаикос подготвува сериозни чекори, со кои ќе се обиде да ги заштити своите интереси надвор од теренот.

„Она што ја очекува кошаркарската јавност во следните неколку дена, а можеби и недели, навистина ќе биде без преседан“, порача Јанакопулос, нагласувајќи дека неговиот клуб избрал правен пат наместо, како што вели, да користи задкулисни методи.

Првиот човек на атинскиот клуб додаде дека Панатинаикос постапува на начин што го смета за соодветен на своето име и реноме, со јасна цел да го добие назад она за кое верува дека му припаѓа.

„Го избравме правниот пат, и поради тоа што сме како Панатинаикос, но и затоа што сакаме да си го вратиме она што ни беше украдено. И ќе го вратиме“, порача тој.

Изјавата доаѓа во период кога Панатинаикос е во центарот на вниманието и поради резултатите на теренот, но засега останува нејасно на кој конкретен случај се однесува најавената правна битка. Следните денови би можеле да донесат повеќе информации за потегот што Јанакопулос го најавува како нешто невидено досега во кошарката.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.