Ламин Јамал продолжува да блеска на Светското првенство, а по победата на Шпанија над Белгија и пласманот во полуфиналето, испрати јасна порака до следниот ривал Франција. Младиот ас на Барселона уште еднаш беше меѓу најдобрите на теренот и по натпреварот не го криеше задоволството од новиот успех на „црвената фурија“.
„Пресреќен сум што сме во полуфинале. Често неколку противнички играчи се насочени кон мене, но тоа отвора простор за моите соиграчи и токму така го постигнавме првиот гол“, изјави Јамал.
Шпанците сега ги очекува големо полуфинале против Франција, а 18-годишниот фудбалер покажа дека воопшто не чувствува страв од селекцијата предводена од Килијан Мбапе.
„Мислам дека ако некој треба да се плаши, тогаш тоа се тие. Ние веќе покажавме дека знаеме како да ги победиме“, порача самоуверено Јамал.
Статистиката е на негова страна. Во досегашните пет нокаут-пресметки против екипи предводени од Мбапе, Јамал секогаш излегувал како победник, а сега ќе се обиде да ја продолжи таа серија и во полуфиналето на Светското првенство.

