Поранешната ѕвезда на Барселона и Манчестер Сити, Јаја Туре, е подготвен за својот прв самостоен менаџерски ангажман. Како што пренесуваат европските медиуми, 43-годишниот Туре, постигнал целосен договор со Слован Братислава и во следните неколку дена треба и официјално да биде промовиран за нов шеф на стручниот штаб на актуелниот словачки шампион.
За Туре ова ќе биде деби како главен тренер во сениорскиот фудбал, откако претходно работеше исклучиво како асистент. Тој ја започна својата тренерска едукација во Олимпик Доњецк, по што следуваа епизоди во Ахмат и Стандард Лиеж, за на крајот да му биде десна рака на Роберто Манчини во репрезентацијата на Саудиска Арабија. Локалните медиуми откриваат дека помладиот од браќата Туре уште пред три години преговарал за доаѓање во Словачка со тимот на Тренчин, но тогаш зделката пропадна. Сега го чека далеку потешка задача бидејќи седнува на клупата на тимот кој е осумкратен последователен првак на државата.
Легендарниот фудбалер пристигнува во Братислава како замена за искусниот Владимир Вајс, кој во изминатите пет години имаше блескав мандат во кој на Слован му донесе дури пет титули во првенството и еден трофеј во националниот Куп.

