Италијанската Серија А се соочува со нов, досега невиден притисок на трансфер-пазарот. Донедамна калчолигашите го губеа чекорот само со богатите клубови од Англија и Шпанија. Сега фудбалската мапа драстично се менува, а клубовите од Турција и Саудиска Арабија сè почесто ги одвлекуваат најдобрите играчи од Апенините.
Клучот за оваа прераспределба на моќта лежи во огромните даночни олеснувања. Додека во Италија клубовите плаќаат високи даноци на платите, во Турција овој данок изнесува скромни 20 проценти, а во Саудиска Арабија воопшто и не постои. Ова им овозможува на клубовите како Фенербахче и Ал Хилал да нудат астрономски нето плати од 10 до 14 милиони евра по сезона, суми за кои италијанските клубови можат само да сонуваат.
Галатасарај активно ги мери силите со Јувентус и Милан. Турскиот шампион му нуди 8 милиони евра годишно на Глеисон Бремер, чија откупна клаузула изнесува 58 милиони евра. Неговата продажба за Јувентус би била спасоносна, бидејќи тренерот Лучијано Спалети бара дефанзивец кој знае да ја организира играта од задната линија, а добиените пари конечно би го одблокирале пазарот за „старата дама“. На само еден месец пред почетокот на сезоната, Јувентус сè уште нема прв голман и прв напаѓач, а преговорите за Дибу Мартинез од Астон Вила и Коло Муани од ПСЖ се заглавени за неколку милиони евра.
Од друга страна, во Милан новиот тренер Рубен Аморим веќе гради систем 3-4-2-1 во кој нема место за Рафаел Леао. Бидејќи од Англија не пристигна ниту една понуда за Португалецот со висока плата, Галатасарај останува единствена опција за позајмица.
Слични финансиски и организациски маки мачат и останатите италијански гиганти. Во Интер, тренерот Кристијан Киву се обидува да ја смири ситуацијата околу десната бочна позиција, откако шпекулациите за засилување со Кристијан Ромеро веднаш пропаднаа поради цената од 50 милиони евра која ја бара Тотенхем. Наполи се наоѓа во уште потешка блокада со дури 30 фудбалери кои чекаат продажба или позајмица. Поради тоа, спортскиот директор Џовани Мана ги има врзано рацете и не може да доведе нов дефанзивец, иако Алесандро Бонџорно е повреден и ќе паузира сè до декември.
Тензично е и во Рим. Тренерот на Рома, Гасперини, лично го контактирал Крисенсио Самервил за да го убеди дека спортските мотиви се поважни од парите, но Ал Хилал му понуди на Вест Хем дури 80 милиони евра, сума која римскиот клуб не може ниту приближно да ја израмни. Во меѓувреме, Лацио по вторпат во рок од шест месеци ризикува да му пропагне трансферот на Алесио Ромањоли во катарскиот Ал Сад. Иако договорите беа потпишани, клубот од Доха ги одолговлекува работите, а по заминувањето на Роберто Манчини и доаѓањето на синот на Мирчеа Луческу, Катарците целосно го загубија интересот за италијанскиот дефанзивец.

