Борбата за првиот домашен трофеј во англискиот фудбал влегува во следна фаза откако беа дефинирани паровите за осминафиналето во Лига купот. Несомнено, вниманието на целата фудбалска јавност ќе биде насочено кон „Енфилд“, каде што во најзвучниот дуел од оваа рунда гигантите Ливерпул и Челзи ќе биткаат за место меѓу осумте најдобри.
Покрај гигантската пресметка на Мерсисајд, ждрепката донесе уште неколку судири меѓу премиерлигашки екипи. Евертон пред своите гледачи ќе го пречека Њукасл, Борнмут ќе биде домаќин на Астон Вила, додека лондонските ривали Фулам и Кристал Палас ќе ги одмерат силите на „Крејвен Котaџ“.
Арсенал го извлече можеби најпосакуваниот ривал во оваа фаза и ќе му гостува на нисколигашот Флитвуд Таун, додека Брајтон го чека победникот од преостанатиот дуел меѓу Манчестер Сити и Норвич.
Сите осминафинални парови во Карабао купот:
Ливерпул – Челзи
Флитвуд Таун – Арсенал
Манчестер Сити / Норвич – Брајтон
Евертон – Њукасл Јунајтед
Сандерленд – Брентфорд
Бредфорд Сити – Питерборо Јунајтед
Фулам – Кристал Палас
Борнмут – Астон Вила
Сите пресметки од оваа осминафинална рунда се предвидени да се одиграат во седмицата што започнува од 26 октомври.

