Боречки спортови Други спортови

Израел Адесања се враќа во октагонот на УФЦ во Саудиска Арабија?

Поранешниот шампион во средна категорија, Израел Адесања, сѐ уште нема намера да стави крај на својата богата ММА кариера. И покрај загрижувачката серија од четири последователни порази, 37-годишниот борец повторно ќе влезе во октагонот, и тоа на голема сцена пред крајот на оваа година.

Според информациите на добро упатениот ММА новинар Ариел Хелвани, Адесања ќе ги одмери силите во главната борба на УФЦ настанот закажан за 5 декември во Саудиска Арабија. Негов противник во дуелот од пет рунди ќе биде опасниот руски нокаутер Шара Магомедов (18-1).

Повратничкиот меч за Адесања доаѓа во момент кога неговата иднина беше под голем знак прашалник. По шокантниот пораз од Џо Пајфер во Сиетл и неодамнешната разделба со неговиот долгогодишен матичен клуб „City Kickboxing“ од Нов Зеланд, многумина шпекулираа со негово пензионирање. Адесања ја забележа последната победа уште против Алекс Переира на УФЦ 287, по што влезе во црна серија од четири порази, нешто што никогаш претходно не му се случило во кариерата.

Од друга страна, Шара Магомедов има само еден пораз во професионалната кариера, оној од Мајкл „Веном“ Пејџ, по што брзо се врати на победничките патеки со триумфи над Мишел Переира и Марк-Андре Барио. За Русинот ова ќе биде најголемиот испит во кариерата и можност за дефинитивен пробив во самиот врв на средната категорија.

Иако организацијата УФЦ сѐ уште го нема официјално потврдено овој меч, изворите на Хелвани важат за исклучително доверливи, па фановите со право можат да очекуваат уште еден вистински боречки спектакл на Блискиот Исток.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.