Страстите по ремито меѓу Алжир и Австрија во Канзас Сити сè уште не се смируваат, а фудбалската планета продолжува со сите сили да бара докази за наводна голема „местенка“. Во спортските кулоари веќе наголемо се зборува дека двете селекции одиграа по претходно скроено сценарио каде што свесно се менуваа водствата за на крајот да се дојде до посакуваниот исход кој ги носи двата тима во шеснаесетфиналето, на директна штета на репрезентацијата на Иран.
Масло на огнот и огромен простор за сомнеж сега донесе првата ѕвезда на Алжирците, Ријад Марез. Неговата последна изјава во јавноста многумина ја протолкуваа како индиректно признание дека на теренот навистина постоел премолчен договор меѓу двата сојуза и стручни штабови по принципот „и волкот сит, и овците на број“.
„Ние ја ширевме играта, а тие комплетно се повлекоа во дефанзива. Но, во последната минута некој ми ја бутна топката во празно низ средината. Морав да трчам, едноставно морав да го почитувам фудбалот. Знам дека целата ситуација на теренот изгледаше малку срамна и чудна, но тоа е фудбал. Топката дојде до мене пред голманот и морав да шутирам, морав да се обидам да дадам гол. Знам дека беше многу непријатно, но најважно е што на крајот и тие постигнаа погодок и поминаа понатаму. Двете екипи се квалификуваа во следната рунда и тоа е единственото нешто што се смета“, изјави искрено Марез.
Овие зборови на поранешниот ас на Манчестер Сити дополнително ги подгреаа приказните за режиран финиш. Интересно е што неговите соиграчи буквално го изнапаѓаа и му се развикаа на теренот кога тој погоди за водство на Алжир од 3:2, по што веднаш во следниот напад следуваше експресното и последно израмнување на Австријците. Како и да е, резултатот останува во сила, Алжир во елиминациите патува на мегдан со Швајцарија, додека Австрија ја чека пеколен дуел против Шпанија.

