Еден од најпознатите италијански фудбалски клубови, Бреша, и официјално стави крај на своето постоење. Судот во Бреша донесе одлука за судска ликвидација на клубот, со што завршува 114-годишната историја на тимот кој со децении беше дел од Серија А и Серија Б. Причина за ваквиот епилог се сериозните финансиски проблеми и долговите кои достигнале речиси 20 милиони евра. Клубот во изминатиот период се соочи со неправилности во исплатата на плати и придонеси, по што доби спортски санкции, одземање бодови и испадна од повисок ранг. Дополнително, Бреша не успеа да обезбеди лиценца за настап во Серија Ц, со што практично остана без место во професионалниот фудбал.
Судот оцени дека клубот се наоѓа во состојба на целосна неплатежност, а ниту обидите на сопственикот Масимо Челино за финансиска консолидација не биле доволни да ја променат одлуката. Бреша остави длабока трага во италијанскиот фудбал. Дресот на клубот низ годините го носеа легенди како Роберто Баџо, Андреа Пирло и Пеп Гвардиола, додека токму во овој клуб своите први големи чекори ги направи и Сандро Тонали. Со згаснувањето на Бреша, италијанскиот фудбал останува без уште едно историско име кое остави значаен белег на домашната и европската сцена.

