Контроверзна изјава за Карлос Алкараз предизвика реакции во Шпанија, откако претседателот на медицинската комисија на Тенискиот сојуз на Италија, Џани Даниеле, излезе со своја проценка за состојбата на шпанскиот тенисер. Во интервју за „Ла Република“, Даниеле зборуваше за повредите на Јаник Синер, но се осврна и на ситуацијата со Алкараз. Тој изрази сомнеж дека проблемите на Шпанецот се исклучиво физички и отвори можност да постои и психолошки проблем.
„Од Шпанија не пристигнуваат јасни информации за повредата на рачниот зглоб. Се повеќе се зборува и за можна ментална слабост. Во обид повторно да го достигне некогашното ниво, изгледа како да западнал во некаков вид депресија, во маѓепсан круг кој не му дозволува да ја врати самодовербата“, изјави Даниеле.
Неговите зборови наидоа на остри реакции во шпанските медиуми, особено поради фактот што станува збор за човек кој е на чело на медицинската комисија на Италијанскиот тениски сојуз. За разлика од коментарите за Алкараз, Даниеле беше многу повнимателен кога го анализираше откажувањето на Синер од Мастерсот во Синсинати. Според него, одлуката на најдобриот тенисер во светот најверојатно била превентивна, поради големиот интензитет на подготовките за тврда подлога.

