Репрезентацијата на Италија извојува победа од 3-1 против Турција во 4. коло од А-дивизијата во Лигата на нации, на натпреварот одигран во Болоња. „Азурите“ стигнаа до триумфот благодарение на погодоците на Џанлука Скамака, Рикардо Калафиори и Пио Еспозито, додека единствениот гол за гостите беше дело на Арал Шимшир.
Турците конкретно го отворија мечот и во првите 20 минути неколку пати се заканија кон противничкиот гол преку Бардакчи, Кабак и Акѓун, но Џанлуиџи Донарума беше сигурен меѓу стативите. Италија поведе во 26. минута практично од својата прва голема шанса, Вергара го пронајде Скамака, чиј прв обид беше изблокиран, но напаѓачот брзо реагираше на одбиената топка и со силен волеј од пречката погоди за 1-0.
Гостите стигнаа до израмнување во 60. минута по одлична акција по десната страна во која Челик и Елмали искомбинираа за Шимшир, на кого од непосредна близина не му беше тешко да ја затресе мрежата за 1-1.
Сепак, одговорот на Италија пристигна за само пет минути. Барела изведе слободен удар од десната страна, а Калафиори беше највисок во казнетиот простор и со глава донесе нова предност за домаќините од 2-1. Конечниот исход го постави Пио Еспозито во завршницата, запечатувајќи ги победата и новите три бода за „азурите“.

