По неколкудневната неизвесност околу изборот на нов селектор, Италијанската фудбалска федерација донесе конечна одлука – Роберто Манчини повторно ќе седне на клупата на „аѕурите“. Искусниот стратег се враќа на функцијата како наследник на Џенаро Гатузо, откако пропадна идејата Андреа Пирло да ја преземе репрезентацијата. Раководството на федерацијата директно ги презеде преговорите со Манчини и за кратко време постигна целосен договор, со што искусниот тренер повторно ќе ја предводи италијанската селекција.
Манчини останува запаметен како човекот што ја однесе Италија до европската титула на ЕВРО 2021, но неговиот прв мандат го одбележа и неуспехот да обезбеди пласман на Светското првенство во 2022 година, по шокантниот пораз од Македонија во Палермо. По заминувањето од Италија, Манчини ја презеде Саудиска Арабија, но авантурата не траеше долго. Сега се враќа на местото каде што ги оствари најголемите успеси, со задача повторно да ја врати Италија меѓу најсилните европски и светски репрезентации.

