Италија направи нов чекор во подготовките за Европското првенство во 2032 година, кое заедно со Турција ќе го организираат двете земји. Италијанската фудбалска федерација до УЕФА го достави ажурираниот список на градови и стадиони кои остануваат во конкуренција за домаќинство на натпреварите.
Во трката од италијанска страна се наоѓаат 13 градови со вкупно 14 стадиони, но само пет од нив на крајот ќе бидат избрани за шампионатот. Останатите пет стадиони на кои ќе се играат натпревари од турнирот ќе бидат на територијата на Турција. Најголемата промена во новиот список е тоа што од конкуренција отпаднаа два проекти. Меѓу нив е и планираниот нов стадион на Наполи, па клубот останува со актуелниот „Диего Армандо Марадона“ како единствена опција.
Од листата исчезна и проектот за реконструкција, односно новиот стадион „Фламино“ кој го планираше Лацио. Со тоа Рим останува единствениот град со две кандидатури. Во конкуренција се „Олимпико“ и проектот за новиот стадион на Рома во областа Пиетралата.
Списокот на италијански градови кои остануваат во конкуренција го сочинуваат Бари, Болоња, Каљари, Фиренца, Џенова, Лече, Милано, Неапол, Палермо, Рим, Салерно, Торино и Верона. Меѓу кандидатите се и стадионите во Болоња и Верона, каде што се планирани модернизации со цел објектите да ги исполнат потребните услови за големиот европски турнир во 2032 година. УЕФА во следниот период ќе го разгледа италијанскиот предлог и ќе ги избере петте стадиони кои ќе бидат домаќини на натпреварите од Европското првенство во Италија.

