Италијанскиот фудбал ја промени сопствената историја и го урна деценискиот стереотип за дефанзивен и резервиран фудбал. По воведните четири кола во Серија А, забележан е феномен каков што никогаш порано не е виден на Апенините, ниту еден натпревар не заврши со почетните 0:0. Со тоа, „Калчото“ стана единствената лига од големата европска петорка каде што мрежите се тресеа на секој еден меч од стартот на сезоната.
Сликата за традиционалното италијанско „катанаџо“ изгледа целосно избледена, посебно кога ќе се земе предвид дека дури на осум средби беше виден само по еден гол. Серијата без ремија без голови за малку ќе прекинеше уште во второто коло на дуелот меѓу Аталанта и Болоња, но проектилот на Лазар Самарџиќ во 96. минута ја сочува оваа неверојатна ефикасност.
Колку ова е необична појава за Серија А најдобро покажуваат историските бројки. Во просек, италијанскиот шампионат бележи околу 30 натпревари без голови по сезона, минатата година имаше 36, а рекордот датира од сезоната 2011/12 со дури 44 вакви ремија. Во моментов, сите останати европски елити редовно се соочуваат со овој резултат, Премиер лигата и Ла Лига веќе избројаа по четири меча со 0:0, Лига 1 има три, а Бундеслигата два. Во Италија, напротив, навивачите сè уште ја чекаат првата „нула“.

