Шпанскиот фудбалски стручњак Санти Денија е именуван за нов селектор на репрезентацијата на Чешка, со што стана првиот странец во историјата кој ќе ја предводи оваа национална селекција. Раководството на чешката куќа на фудбалот со 52-годишниот тренер потпиша двогодишен договор со можност за продолжување на соработката. Денија пристигнува на местото на Мирослав Кубек, кој поднесе оставка по елиминацијата во групната фаза на Светското првенство.
Новиот чешки предводник истакна дека е исклучително мотивиран и дека му е чест да застане на чело на репрезентација што има богата историја, додека претседателот на федерацијата, Давид Трунда, изрази задоволство што успеале да ангажираат стручњак со такво меѓународно искуство. Во својата кариера, Денија ги водеше младинските категории на Шпанија со кои освои европски титули со селекциите до 17 и до 19 години, а најголемиот успех го оствари со освојувањето на златото со олимписката репрезентација на Игрите во Париз 2024 година.
Првиот голем испит за шпанскиот стратег ќе биде кон крајот на септември во Лигата на нации, каде што Чешка ги отвора настапите против Хрватска, а во нивната силна група се наоѓаат уште и Англија и актуелниот светски шампион Шпанија.

