Меѓународен фудбал Фудбал

Историски хет-трик за Јамал: Шпанецот трети пат по ред е најдобар млад фудбалер во светот

Фудбалерот на Барселона, Ламин Јамал, е прогласен за најдобар млад играч во светот по трети пат по ред, со што стана првиот фудбалер во историјата на кого му пошло за рака вакво остварување. Деветнаесетгодишниот репрезентативец на Шпанија го прими признанието на гламурозната церемонија за „Златната топка“ во Лондон, продолжувајќи ја својата доминација започната во 2024 година.

Признанието што го доделува францускиот магазин „Франс Фудбал“ им се доделува на најдобрите фудбалери до 21 година, а за победникот одлучува жири составено ексклузивно од некогашните освојувачи на „Златната топка“. Оваа награда е востановена во 2018 година кога прв лауреат беше Килијан Мбапе, а подоцна ја освојуваа и Матијс де Лихт, Педри, Гави и Џуд Белингем. Со ова трето признание, Јамал останува осамен на самиот врв.

Шпанскиот бисер зад себе имаше застрашувачка сезона во која одигра клучна улога во освојувањето на шпанското првенство и Суперкупот со Барселона, додека со репрезентацијата на Шпанија ова лето се искачи и на светскиот трон. Изминатата сезона Јамал на 57 натпревари во сите натпреварувања забележа фантастичен ефект од 25 погодоци и 20 асистенции.

При преземањето на трофејот, деветнаесетгодишниот ас покажа големина и посебно го издвои својот клупски соиграч Пау Кубарси, кој исто така беше меѓу номинираните за оваа престижна награда.

„Би сакал Пау Кубарси да беше овде до мене. Сметам дека оваа награда требаше да му припадне нему, бидејќи веќе долго време игра на исклучително високо ниво. Благодарен сум му на мојот клуб и на репрезентацијата, а јас ќе продолжам напорно да работам за да освојувам нови трофеи“, изјави скромниот Јамал.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.