Историјата на МотоГП шампионатот ќе добие мала, но значајна промена. Шампионите во категориите Мото 2 и Mото3 од оваа сезона за првпат ќе добиваат трофеи за освоената титула, наместо досегашните медали. Новите пехари беа претставени во пресрет на Големата награда на Австрија, која овој викенд ќе се вози на патеката „Ред Бул Ринг“. Дизајнот е инспириран од скалилата кои симболизираат постепено искачување кон највисокото ниво во мотоциклизмот.
Од организацијата порачаа дека идејата е трофејот да го претставува патот кој секој возач мора да го помине за да стигне до врвот, наместо успехот да се гледа само како крајна цел.
„Нивоата што водат кон врвот се потсетник дека никој не стигнува до највисокото ниво со еден скок. Со ова се слави патот, а не само целта“, изјави заменик-генералниот директор на шампионатот, Карлос Еспелета.
На промоцијата присуствуваа и најдобрите тројца возачи во генералниот пласман во двете категории. Осум трки пред крајот на сезоната, водечките позиции ги држат Максимино Милес во Mото3 и Мануел Гонзалес во Mото2. Програмата на „Ред Бул Ринг“ започнува в петок од 9 часот, со што официјално ќе стартува викендот на 15. трка од сезоната.
Новите шампионски трофеи ќе бидат доделени на крајот на ноември, кога ќе бидат познати носителите на титулите во двете категории.


