Спектаклот на УФЦ 333 во преполната „Етихад Арена“ во Абу Даби донесе боречка ноќ за историја. Главен јунак на вечерта беше австралискиот борец со македонско потекло, Александар Волкановски, кој уште еднаш ги демантираше сите скептици и го потврди статусот на апсолутен крал во перолесна категорија со брутален нокаут над досега непоразениот Мовсар Евлоев.
Со оваа победа на 38 години, Волкановски го сруши рекордот на легендарниот Жозе Алдо за најмногу победи во шампионски борби во перолесна дивизија. Евлоев од самиот старт се обиде да го диктира ритамот со сопственото најсилно оружје, партерот. Неколку пати успеа да го сруши шампионот, но Волкановски експресно се враќаше на нозе и не му дозволи ниту момент за контрола.
ALEXANDER VOLKANOVSKI DEFEATS MOVSAR EVLOEV IN THE SECOND ROUND 🐐
#UFC333 | Stream TNT Sports on HBO Max https://t.co/yFiRWy14E8
— UFC on TNT Sports (@ufcontnt) October 24, 2026
Во втората рунда шампионот го засили темпото и со разорно десно кроше жестоко го зашемети Евлоев. Волкановски веднаш тргна во завршна офанзива, го собори Русинот на подот и со серија жестоки удари го принуди судијата да ја прекине борбата на само шест секунди пред крајот на рундата, нанесувајќи му го на Евлоев првиот пораз во професионалната кариера.
Најемотивниот момент на вечерта пристигна за време на шампионската прослава. Волкановски уште еднаш ги истакна своите корени, а во центарот на октагонот неговиот татко гордо го развеа македонското знаме пред очите на целиот свет.

