Големото финале на НБА лигата се сели во Њујорк, каде што Сан Антонио Спарс пристигнуваат со негатива од 2:0 против Никс и се соочуваат со статистички предизвик кој историски изгледа речиси нерешлив. Иако во минатото се случувале големи пресврти, позицијата во која се наоѓаат Спарс сега е досега невидена.
Во историјата на НБА финалињата, само пет екипи успеале да се вратат и да ја освојат титулата по почетни 0:2, како што тоа го направија Милвоки во 2021 година или Кливленд во 2016 година. Меѓутоа, клучната разлика е во тоа што сите тие пет тима првите два меча ги губеа на гостински терен. Сан Антонио, пак, ги прокоцка двата натпревари пред своите навивачи, што целосно ја менува психологијата на серијата. Статистиката покажува дека кога некој тим ќе го отвори финалето со два порази дома, последиците се фатални – Феникс во 1993 година падна во шест меча, додека Орландо во 1995 година доживеа комплетна „метла“.
За ваков подвиг секогаш било потребно надчовечко издание од главната ѕвезда. Виктор Вембањама има одлична индивидуална статистика со просек од 27.5 поени, 10.5 скокови и 3.5 блокади, но младиот Французин сè уште нема контрола во клучните моменти. Неколку изгубени топки во финишот и промашениот шут за победа во вториот меч им дозволија на Никси да ги преживеат неизвесните завршници и да направат два големи брејка. Прашањето за Сан Антонио веќе не е само дали можат да направат пресврт, туку дали имаат квалитет да станат првиот тим во историјата што се вратил во игра откако веднаш ја загубил предноста на домашниот терен.

