Златко Далиќ во моментов повеќе не е селектор на хрватската фудбалска репрезентација, откако со завршувањето на настапот на Светското првенство истече и неговиот договор со Хрватскиот фудбалски сојуз. Елиминацијата од Португалија во шеснаесетфиналето го означи крајот на турнирот за „коцкестите“, а воедно и формалниот крај на договорната соработка со стратегот кој ја одбележа најуспешната ера во историјата на хрватскиот фудбал.
Сепак, тоа не значи дека Далиќ сигурно заминува. Во наредните денови се очекуваат разговори меѓу двете страни, а една од опциите е продолжување на договорот. Истовремено, искусниот тренер повторно се поврзува со неколку богати клубови и репрезентации од Блискиот Исток, кои веќе подолго време покажуваат интерес за неговите услуги.
Далиќ ја презеде Хрватска во 2017 година и во изминатите години ја одведе репрезентацијата до најголемите успеси во нејзината историја. Под негово водство, „ватрените“ стигнаа до светското сребро во 2018 година, бронзата на Мундијалот во 2022, сребрениот медал во Лигата на нации, како и настапи на две Европски и три Светски првенства, со што останува најуспешниот селектор што некогаш ја водел хрватската репрезентација.

