ФИФА прави интензивни напори по дипломатски пат да го осигура мирното учество на Иран на Светското првенство. Генералниот секретар на организацијата, Матијас Графстром, одржа итен онлајн состанок со претседателот на иранската федерација, Мехди Таџ, веднаш по пристигнувањето на нивната делегација во мексиканскиот град Тихуана.
Целта на куќата на фудбалот е да се гарантираат сите безбедносни и спортски услови за репрезентацијата да се фокусира само на теренот. Поради воениот конфликт и зовриените односи со Вашингтон кои ескалираа во февруари, Иранците донесоа радикална одлука нивната база да биде во Мексико, а во САД ќе влегуваат со специјални летови строго за мечевите.
Иран е сместен во групата со Белгија, Египет и Нов Зеланд, а своите дуели ќе ги игра во Лос Анџелес и Сиетл. Најголема непозната во моментов останува прашањето дали и на колку ирански навивачи ќе им биде дозволено да присуствуваат на американските стадиони.

