Меѓународен фудбал Светски првенства Фудбал

Иран поради безбедносни ризици се сели во Мексико

Светското првенство во фудбал уште еднаш докажува дека е настан кој не е имун на глобалните геополитички случувања, принудувајќи ги репрезентациите да носат радикални одлуки во пресрет на турнирот. Наместо мирни подготовки во планираните капацитети, одредени национални сојузи мораа експресно да ги менуваат плановите за да ги заштитат своите експедиции од потенцијални несакани сценарија.

Фудбалската федерација на Иран донесе официјална одлука целосно да го дислоцира својот камп за време на Светското првенство, па наместо во Тусон (Аризона, САД), репрезентацијата ќе биде стационирана во мексиканскиот град Тихуана. Првиот човек на иранскиот фудбал, Мехди Таџ, потврди дека оваа промена веќе е официјално одобрена од страна на ФИФА по серијата итни состаноци одржани во Истанбул и преку видео-конференција со генералниот секретар на светската куќа на фудбалот. Главната причина за ваквиот чекор се безбедносните ризици и актуелната политичка нестабилност на Блискиот Исток, но и олеснувањето на строгите визни процедури, со оглед на тоа што иранската делегација планира да влегува во САД директно преку мексиканската граница, користејќи чартер-летови на домашната компанија „Iran Air“.

Иранците на овој Мундијал ќе се натпреваруваат во рамките на групата „Г“, каде за ривали ги имаат селекциите на Нов Зеланд (15 јуни), Белгија (21 јуни) и Египет (26 јуни). За оваа азиска репрезентација ова ќе биде четврто последователно учество на планетарните собири (вкупно седмо во историјата), а главна цел на тимот ќе биде историскиот прв пласман во нокаут-фазата, нешто што не им пошло од рака на претходните генерации.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.