Меѓународен фудбал Светски првенства Фудбал

Иран и Нов Зеланд приредија луд натпревар со четири гола! (ВИДЕО)

Во ден кога големите фаворити решија да тактизираат и да ги разочараат навивачите, вистинскиот фудбалски спектакл пристигна од репрезентациите од кои јавноста најмалку очекуваше. Наместо досадна игра, дефанзивни калкулации и притисок, Иран и Нов Зеланд приредија супер-интересен натпревар во Лос Анџелес, кој по многу возбудувања, отворен фудбал и пресврти заврши без победник, 2-2.

Пред почетокот на мечот од групата Г, аналитичарите најавуваа тежок и затворен дуел, особено поради силната политичка позадина, тензиите и протестите со кои се соочија Иранците пред нивниот хотел во Америка. Сепак, фудбалерите на Амир Галеној ги оставија сите вонфудбалски проблеми настрана и покажаа неверојатна страст на теренот. По прикажаното од двете екипи, јасно е дека Белгија и Египет нема да имаат воопшто лесна задача во следните кола.

Натпреварот почна со шок за Иранците. Уште во седмата минута, Елајџа Џаст одлично се снајде со една незгодна топка, ја префрли на посилната нога и прецизно го совлада голманот Беиранванд за водство на Нов Зеланд од 1-0. Овој ран погодок комплетно го отвори натпреварот и ги натера Иранците да тргнат на сè или ништо. Шансите почнаа да се редат на двете страни, а Иран дочека своја прилика во 32-рата минута кога одбраната на Нов Зеланд заспа, па Рамин Разаеијан стрелаше за израмнување на 1-1 пред паузата.

Возбудувањата продолжија со исто темпо и во второто полувреме. По само девет минути игра во вториот дел, Нов Зеланд повторно дојде до предност, а стрелец на својот втор гол на мечот беше расположениот Џаст. Но, и овојпат радоста на Островјаните траеше кратко. Иранците покажаа карактер, силно притиснаа и по само седум минути, поточно во 61-вата минута, успеаја да израмнат на 2-2 преку Мохамед Мохеби.

До крајот на мечот и двете репрезентации се обидуваа да стигнат до трите бода, но мрежите мируваа. По првото комплетно коло во оваа група, сите четири тима имаат по еден бод и идентична гол-разлика, што најавува вистинска драма до самиот крај. Во следната рунда Иран ќе ги одмери силите со Белгија, додека Нов Зеланд ќе излезе на мегдан против Египет.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.