Меѓународен фудбал Фудбал

Инфантино возврати на жестоките обвинувања од Чеферин

Судирот меѓу двете најмоќни фудбалски организации во светот достигна точка на вриење, откако ФИФА и УЕФА влегоа во директен правен и политички конфликт поради пропаднатиот проект за продажба на дел од комерцијалните права на светските првенства на приватни инвеститори.

Поводот за најновата ескалација се правните чекори на УЕФА пред американските судови, преку кои европската куќа на фудбалот бара пристап до целокупната документација за проектот „ФИФА форпард ентерпрајз“. Според овој план, инвестицискиот фонд „Трајв етернал“, предводен од Џошуа Кушнер, требаше да вложи 4,2 милијарди долари за 20 проценти удел во новата компанија што би управувала со комерцијалните права на ФИФА. Раководството на УЕФА тврди дека сумата била значително под реалната пазарна вредност, а процесот се одвивал без отворен тендер и без соодветна информираност на националните сојузи.

ФИФА реагираше експресно и побара од американските судови да ги отфрлат барањата на УЕФА, нарекувајќи ги обична кампања за нарушување на угледот на Џани Инфантино. Од светската организација истакнуваат дека проектот ФФЕ никогаш не бил официјално усвоен и беше повлечен уште во август по притисокот од јавноста. Покрај тоа, ФИФА ги обвини челниците на европскиот фудбал дека го блокираат проектот исклучиво за да ја заштитат сопствената финансиска доминација и пазарна моќ пред засилувањето на фудбалските сојузи од останатите континенти.

Додека инвеститорот Џошуа Кушнер јавно призна дека не ја разбрал сложената политика во светскиот фудбал и изрази жалење за учеството во целата приказна, УЕФА не отстапува од барањето за независна надворешна истрага. Информациите дека европската централа веќе бара поддршка од другите конфедерации за противкандидат на Инфантино на претседателските избори во 2027 година најавуваат дека овој конфликт темелно ќе ги промени односите на силите во светскиот фудбал.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.