Меѓународен фудбал Фудбал

Инфантино повика на разговори за реформи во управувањето со ФИФА!

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, изрази подготвеност да започне разговори за можни реформи во начинот на кој функционира управувањето со светската фудбалска организација. Инфантино своите предлози ги изнел во писмо испратено до членовите на Советот на ФИФА, чија содржина ја објави „The Athletic“. Во документот тој предлага процесот да започне со независна надворешна ревизија на актуелниот систем за управување со големите стратешки проекти на организацијата.

Според неговиот предлог, по завршувањето на ревизијата би требало да бидат изработени препораки за евентуално подобрување на постојниот модел. Инфантино истовремено предлага воспоставување структуриран процес на консултации со континенталните конфедерации, националните федерации и останатите заинтересирани страни во фудбалот.

„Ќе предложам Советот да воспостави директен, структуриран и временски ограничен процес на консултации со конфедерациите, асоцијациите-членки и заинтересираните страни“, наведува Инфантино во писмото.

Во рамките на таквиот процес би се разгледувале и прашања поврзани со распределбата на надлежностите во највисоките структури на ФИФА. Меѓу темите кои ги посочува претседателот се и улогите на претседателот, Бирото, Советот и Конгресот, како и начини за зголемување на транспарентноста и одговорноста при реализацијата на големите стратешки проекти.

Предлозите доаѓаат во период во кој во ФИФА веќе има дискусии околу начинот на кој организацијата ги реализира своите големи комерцијални и развојни иницијативи. Во јули беше објавено дека Инфантино размислува за вклучување на приватни инвеститори во дел од турнирите и проектите под покровителство на ФИФА преку иницијативата FIFA Forward Enterprise. Идејата беше претставена како можност за зголемување на приходите на членките и дополнително финансирање на развојот на фудбалот, но предизвика критики од дел од функционерите, федерациите и други фудбалски организации.

Следната седница на Советот на ФИФА е закажана за 15 октомври, кога овие прашања би можеле да бидат дел од разговорите во рамките на највисокото раководно тело на организацијата. Инфантино е на чело на ФИФА од 2016 година, кога беше избран на Вонредниот конгрес во февруари. Потоа двапати беше реизбран без противкандидат.

Наредните избори за претседател на ФИФА треба да се одржат во март 2027 година, додека рокот за поднесување кандидатури е 18 ноември.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.