Победата на Партизан од 3-2 на гостувањето кај Раднички Ниш остана во сенка на инцидентот меѓу сопствените навивачи на белградскиот клуб. За време на натпреварот на стадионот „Чаир“, дошло до физичка пресметка меѓу групи припадници на Гробарите, а снимки од немилите сцени се појавија на социјалните мрежи.
Според српските медиуми, инцидентот се случил на трибината каде што биле сместени најверните поддржувачи на Партизан, по што морале да интервенираат полицијата и екипа на итната медицинска помош. Засега нема потврдени информации за причините што довеле до судирот, ниту за евентуалниот број повредени.
Сцените на трибините фрлија сенка врз натпреварот на кој Партизан ја забележа првата победа под водство на повратникот Александар Станојевиќ. „Црно-белите“ славеа со 3-2, но наместо само за резултатот и случувањата на теренот, по дуелот се зборуваше и за инцидентот меѓу нивните навивачи.

