Фудбалската легенда Златан Ибрахимовиќ смета дека репрезентацијата на САД има реални шанси да направи голем резултат на Светското првенство, па дури и да стигне до шампионскиот трофеј. По втората победа во групната фаза, овојпат против Австралија со 2-0, поранешниот шведски напаѓач истакна дека домашниот терен и огромната поддршка од навивачите можат да бидат клучен адут за американската селекција.
Според Ибрахимовиќ, не е важно што се случувало пред почетокот на турнирот, туку како тимот изгледа во моментот. Тој смета дека избраниците на Маурисио Почетино растат од натпревар во натпревар и добиваат сè поголема самодоверба.
„Кога зад себе ја имаш целата држава, многу е тешко некој да те запре. САД покажуваат квалитет и имаат причина да веруваат во себе“, порача Ибрахимовиќ.
Американците веќе обезбедија место во нокаут-фазата, а во последното коло ќе имаат можност дополнително да се подготват за најважниот дел од турнирот.

