Стартниот кикс на Португал и ремито (1:1) против ДР Конго веднаш ги запалија алармите, а во центарот на вниманието очекувано се најде Кристијано Роналдо. Наместо по голови, 41-годишната суперѕвезда заработи сериозни критики од фудбалските легенди Тиери Анри и Златан Ибрахимовиќ поради една клучна ситуација од второто полувреме.
Двајцата аналитичари се согласија дека Роналдо, во преголема желба самиот да се запише во стрелците, буквално му ја одзеде топката и идеалната позиција за шут на Бруно Фернандеш.
„Најважното нешто што сите мора да го разберат е дека тимот мора да постигне гол, а не ти лично“, дециден е Анри.
Французинот објасни дека со правилно движење Кристијано ќе ја одвлечеше одбраната и ќе му овозможеше лесна реализација на Фернандеш, но наместо тоа, тој влезе во неговата патека и ја олесни работата на противникот.
На оваа анализа се надоврза и Ибрахимовиќ, кој без влакна на јазикот му се обрати на Португалецот:
„Како напаѓач, мораш да се движиш кон далечната статива за да отвориш простор за соиграчот зад тебе. Очигледно е дека тука донесе целосно погрешна одлука, Кристијано.“
Сепак, Анри потенцираше дека не е сè во вината на Роналдо, туку дека Португал мора да ја смени тактиката. На овие години, Кристијано повеќе не трча во празен простор и не ја „растегнува“ одбраната, па остатокот од тимот мора да работи многу повеќе за него и постојано да го „храни“ со топки исклучиво во казнениот простор ако сакаат тој да биде корисен.

