Репрезентативната кариера на еден од најголемите фудбалери во историјата продолжува. Иако се очекуваше дека Лука Модриќ ќе стави крај на репрезентативната кариера по завршувањето на Светското првенство во САД, Канада и Мексико, капитенот на Хрватска сепак одлучи и понатаму да го носи националниот дрес.
Фудбалскиот сојуз на Хрватска потврди дека Модриќ им соопштил на селекторот Славен Билиќ и на претседателот Маријан Кустиќ дека останува на располагање за претстојниот циклус во Лигата на нации, каде што „коцкестите“ ги очекуваат дуели против Чешка, Шпанија и Англија.
Искусниот плејмејкер на Милан, кој за четири дена ќе го прослави својот 41. роденден, дебитираше за сениорскиот тим во 2006 година. Досега за националниот состав има забележано рекордни 202 настапи и постигнато 29 голови, предводејќи ја својата земја до најголемите успеси во фудбалската историја.
Неговата одлука за продолжување на репрезентативната приказна донесе големо задоволство кај новоименуваниот селектор Славен Билиќ.
„Секако дека оваа одлука на Лука ме прави исклучително среќен. Сите сме свесни што носи тој за Хрватска, како на теренот, така и надвор од него. Се радувам што повторно ќе соработуваме по 14 години, а двајцата делиме силна амбиција да ја задржиме Хрватска во светскиот врв, рамо до рамо со најдобрите репрезентации“, порача Билиќ.

