Големото славје по убедливата победа на Мексико над Чешка со 3-0 заврши со сериозен инцидент во мексиканскиот град Лос Кабос. Автомобил влета меѓу група навивачи кои ја прославуваа победата на својата репрезентација, при што беа повредени 17 лица. Според првичните информации, дел од навивачите почнале да удираат по возилото, што често се случува за време на вакви прослави. Наместо да застане, возачот нагло забрзал и удрил во присутните, предизвикувајќи хаос на улицата.
Повредените веднаш биле пренесени во неколку болници во градот, а локалните медиуми јавуваат дека едно лице се наоѓа во тешка состојба. Снимките од местото на настанот покажуваат како црниот автомобил по ударот завршува во рабник, додека исплашените навивачи се обидуваат да се тргнат на безбедно. Дел од присутните потоа се упатиле кон возилото за да се соочат со возачот.
Надлежните служби веќе отворија истрага за случајот и го обезбедија местото на несреќата. Возачот засега не е приведен бидејќи и самиот се здобил со повреди и се наоѓа на болничко лекување.

