Други спортови Тенис

Хонтама ја сопре Ѓорческа на стартот од квалификациите за УС Опен

Лина Ѓорческа го заврши настапот во квалификациите за УС Опен уште во првото коло, откако македонската тенисерка загуби од Јапонката Маи Хонтама со 2-0 во сетови (7-6, 6-3).

Ѓорческа имаше свои моменти во мечот, особено во првиот сет, но не успеа да ја искористи добрата игра за да стигне до водство. Хонтама рано направи брејк и поведе со 2-0, по што Лина возврати, но повторно го загуби својот сервис. Јапонката стигна до 4-2, но до крајот на сетот двете тенисерки неколкупати си го одземаа сервисот, па победникот мораше да се решава во тај-брејк.

Во одлучувачката игра Хонтама беше убедлива и со 7-1 го освои првиот сет, со што направи важен чекор кон победата.

Во вториот сет Ѓорческа долго време беше рамноправна. Македонката успеа да одржи резултатска рамнотежа до 3-3, но потоа следеше пад во нејзината игра. Хонтама направи брејк за 4-3, потоа сигурно го потврди на свој сервис и поведе со 5-3, а мечот го затвори со нов брејк.

Со тоа Ѓорческа остана без пласман во главниот турнир на последниот Грен слем во сезоната, додека Хонтама продолжува во квалификациите за УС Опен.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.