Меѓународен фудбал Светски првенства Фудбал

Холандија го потврди првото место, Јапонија обезбеди пресметка со Бразил

Со одигрувањето на натпреварите од последното коло во групата Ф беше комплетирана разврската на оваа група на Светското првенство. Холандија ја оправда фаворитската улога против Тунис, додека Јапонија и Шведска ги поделија бодовите во возбудлив натпревар, по што сите три селекции обезбедија место во нокаут-фазата.

Холанѓаните уште на самиот старт го наметнаа своето темпо. Водството пристигна веќе во третата минута, кога Елјес Скири несреќно ја испрати топката во сопствената мрежа по центаршутот на Дензел Дамфрис. Само четири минути подоцна, Брајан Броби ја удвои предноста, искористувајќи одлично проигрување од Вирџил ван Дајк по прекинот што го изведе Френки де Јонг.

До паузата Холандија доминираше и создаде уште неколку изгледни шанси, но голманот Ајмен Дамен успеа да спречи поубедлив резултат. Тунис накратко внесе неизвесност на почетокот од второто полувреме. Во 54. минута Хазем Мастури ја намали негативата по добро изведен корнер на Ханибал Межбри. Сепак, холандската репрезентација брзо ја врати контролата и во 62. минута Јан Пол ван Хеке со удар со глава по корнер ги постави конечните 3:1.

На вториот натпревар во групата, Јапонија и Шведска одиграа динамичен меч кој заврши без победник. Првото полувреме помина во претпазлива игра, иако Јапонците беа поконкретни. Даизен Маеда беше најопасен, а непосредно пред паузата му асистираше на Кеита Накамура, чиј удар одлично го запре шведскиот голман Јакоб Зетерстром.

Во второто полувреме, Јапонија ја материјализираше подобрата игра. Во 56. минута Маеда ја круниса одличната акција и донесе водство по асистенцијата на Рицу Доан. Шведска не чекаше долго за одговор. Само шест минути подоцна, Ентони Еланга со прецизен удар од работ на шеснаесетникот го совлада Зион Сузуки и израмни на 1:1.

До крајот Швеѓаните беа поофанзивни и создадоа повеќе можности за победа, но Сузуки со неколку извонредни интервенции, особено во судиското продолжение по ударите на Еланга и Александер Исак, ја сочува мрежата. По одигрувањето на сите натпревари, Холандија го освои првото место во групата со седум бодови и во осминафиналето ќе се соочи со Мароко. Јапонија заврши втора со пет освоени бодови и ја очекува тежок предизвик против Бразил.

Шведска со четири бодови остана на третата позиција, но благодарение на добриот учинок во споредба со останатите третопласирани селекции, обезбеди место во елиминациската фаза и сега го очекува својот следен противник.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.