По разочарувачката сезона без ниту еден освоен трофеј, Марио Хезоња донесе конечна одлука да стави крај на епизодата во Реал Мадрид. Хрватскиот репрезентативец веќе ги известил челниците на шпанскиот гигант дека ја активира излезната клаузула од договорот со цел повторно да заигра во НБА лигата.
Како што пренесува мадридска „Марка“, Хезоња самиот ќе ја плати предвидената сума од 875.000 долари за раскин на соработката. Со оглед на тоа што во овој момент сè уште нема официјализиран договор со конкретна НБА екипа која би ги покрила тие трошоци, кошаркарот од Дубровник реши со сопствени средства да ја финансира својата слобода и да ги забрза преговорите со американските тимови.
За Хезоња ова значи желба за нов почеток на најголемата кошаркарска сцена, каде што НБА клубовите се подготвени да му дадат нова шанса по одличните игри што ги прикажа во Европа. Поранешниот петти пик на драфтот веќе има искуство од настапите за Орландо Меџик, Портланд Трејлблејзерс и Њујорк Никс, а се очекува наскоро да стави потпис на нов ангажман од другата страна на Океанот.

