Македонските репрезентативци Себастијан Херера и Дамјан Шишковски повторно ќе бидат дел од главната фаза во Конференциската лига на УЕФА, откако нивниот Борац Бања Лука повторно славеше против исландски Викингур во плејоф квалификациската рунда. По победата од 3-1 на гостувањето во Исланд, босанскиот состав оствари идентичен триумф од 3-1 и на домашен терен во Бања Лука.
Клучен момент на натпреварот беше 55. минута, кога творец на израмнувачкиот погодок за 1-1 беше токму Себастијан Херера, по што Борац го презеде под контрола ритамот и го запечати пласманот во европското натпреварување.
Вистинска сензација се случи во Андора, каде што домашниот Интер Ескалдес приреди историски подвиг елиминирајќи го косовскиот претставник Дрита, на чија клупа седи поранешниот македонски репрезентативец Ардијан Нухиу. По првиот меч кој заврши 2-2 во Косово, реваншот во Андора по регуларниот дел и продолженијата заврши 0-0, по што Интер Ескалдес славеше во пенал-рулетот. Со ова, Интер Ескалдес стана првиот клуб во историјата на Андора кој се изборил за учество во главната фаза на едно УЕФА клупско натпреварување.

