Меѓународен фудбал Светски првенства Фудбал

Хасан по елиминацијата од Аргентина: Судијата криеше нешто, нема повеќе да го гледам овој Мундијал!

Репрезентацијата на Египет е бесна на делењето на правдата на натпреварот против Аргентина, сметајќи дека е брутално оштетена. Покрај бројните обвинувања од таборот на „фараоните“, најостар во своите изјави беше селекторот Хосам Хасан. Тој по завршувањето на средбата упати сериозни критики на сметка на главниот арбитар Метју Летексје.

Египетскиот стратег отворено алудираше дека противникот имал сериозно влијание врз судиските одлуки во клучните моменти од мечот.

„На крајниот резултат влијаеја внатрешни фактори на самиот терен, но и надворешни фактори пред почетокот на натпреварот. Очигледно е дека Аргентина изврши огромен притисок врз главниот судија, што на крајот доведе до ваков исход. Ние веднаш по мечот му ги соопштивме нашите јасни забелешки“, изјави Хасан.

Најголемата контроверзија на натпреварот се случи при примениот гол за 3:2. Целиот тим на Египет реагираше поради очигледно влечење за дрес на еден од нивните дефанзивци непосредно пред Енцо Фернандез да ја затресе мрежата. Спорниот момент воопшто не беше предмет на дополнителна анализа.

„Немаше дури ниту ВАР-преглед на ситуацијата. Сите јасно видовме како беше повлечен дресот на нашиот фудбалер, но видео-технологијата не се искористи за да се поништи тој нерегуларен гол. Животот едноставно знае да биде неправеден“, додаде предводникот на Египет.

Хасан откри и детали од неговата директна комуникација со Летексје по последниот судиски свиреж. Поради огромното незадоволство и револт од неправдата, тој донесе радикална одлука целосно да го бојкотира остатокот од турнирот.

„Чувствував дека судијата крие нешто од нас за време на натпреварот. Кога некој се обидува да сокрие нешто, тоа не може да го направи целосно, а тоа беше јасно видливо во неговиот поглед и однесување. Ви ветувам дека од моментот кога ќе се вратам дома, нема да изгледам ниту еден натпревар до крајот на ова Светско првенство. Тоа е моја внатрешна борба и личен протест со кој сакам да го кренам гласот“, заклучи Хасан.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.