Хари Кејн и Баерн Минхен постигнаа начелен договор за продолжување на соработката, објавува новинарот Флоријан Плетенберг од германскиот „Скај“. Преговорите меѓу двете страни веќе навлегуваат во финалната фаза, а планот е 33-годишниот англиски напаѓач да остане во редовите на баварскиот гигант до летото 2029 година.
Актуелниот договор на Кејн има важност до летото 2027 година, но неговата желба од самиот почеток била да го продолжи престојот во Минхен. Истомисленици се и челниците на Баерн, кои го сметаат останувањето на англискиот голгетер за свој клучен приоритет.
Според информациите, во моментов се прецизираат последните детали од новиот договор. Иако сè уште нема дефиниран датум за официјално потпишување, овој напредок го приближува Кејн до останување во Германија барем до неговата 36-годишна возраст. Самиот напаѓач уште во септември потврди дека е среќен во Баерн и дека разговорите се одвиваат во вистински правец.

