Лидерот и капитен на англиската фудбалска репрезентација, Хари Кејн, се наоѓа на прагот на уште едно големо остварување во националниот дрес. На претстојниот дуел против Чешка на легендарниот „Вембли“, 33-годишниот напаѓач го чека својот 125. настап за „Гордиот Албион“, со што ќе се израмни со легендарниот голман Питер Шилтон на врвот на листата по бројот на одиграни натпревари.
Сепак, бројот на настапи е само еден сегмент од империјата што Кејн ја изгради за националниот состав. Англискиот голгетер одамна суверено владее на врвот меѓу најдобрите стрелци во историјата на репрезентацијата со дури 89 постигнати погодоци, импресивни 36 повеќе од второпласираниот Вејн Руни со 53. Уште од своето деби против Литванија во март 2015 година, тој израсна во срцето и душата на англискиот фудбал.
Неговата доминација е поистакната од кога било. Кејн веќе има 11 голови за Англија, со што стана првиот фудбалер во историјата на оваа репрезентација кој успеал да постигне двоцифрен број погодоци во три различни календарски години (претходно во 2019 и 2021 година). Неверојатната серија ја потврди и на гостувањето против Хрватска, каде што го запиша шестиот последователен меч на гостински терен во кој ја затресе противничката мрежа, доближувајќи се на само еден чекор од вечниот рекорд на Том Фини.

