Меѓународен фудбал Фудбал

Хаос во Сплит пред дуелот со Ајакс: 57 уапсени и експресни затворски казни (ВИДЕО)

Центарот на Сплит синоќа беше поле на жестоки навивачки судири во пресрет на денешниот натпревар меѓу Хајдук и Ајакс од 1. коло во Конференциската лига. Околу 22:30 часот, група од околу 150 припадници на домашна „Торцида“ ги нападнала навивачите на гостинскиот тим на сплитска „Рива“, но брзата реакција на полицијата спречила уште поголема ескалација.

Полициските сили привеле вкупно 57 лица, од кои 19 се холандски државјани кај кои биле пронајдени ножеви и каменици. За нив по кратка постапка се изречени затворски казни во траење од седум дена, како и двегодишна забрана за влез на стадионот „Пољуд“ и пристап до „Рива“.

Инцидентот предизвика огромно внимание и револт во Холандија, а за загрозената безбедност се огласи и Фабијан Нагцам од Здружението на навивачи на Ајакс, кој побара драстични мерки од европската куќа на фудбалот:

„Овакви инциденти постојано се повторуваат. УЕФА мора да реагира на најстрог начин. Се напаѓаат обични навивачи кои не дојдоа да предизвикуваат нереди. Слични сценарија видовме во Атина и Неапол, додека во Марсеј не ни смеевме да патуваме. Ако ова продолжи, УЕФА мора едноставно да ги исфрли таквите клубови од европските натпреварувања“, изјави Нагцам.

Натпреварот меѓу Хајдук и Ајакс се игра денеска на стадионот „Пољуд“ со почеток од 18:45 часот.


Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.