Меѓународен фудбал Фудбал

Хаос на „Олд Трафорд“: Манчестер Јунајтед одзема сезонски карти на најверните навивачи!

Манчестер Јунајтед се соочува со огромен револт кај своите фанови, откако клубот започна постапка за блокирање и отповикување на илјадници сезонски билети. Раководството тврди дека целта на оваа акција е борба против нелегалното препродавање карти. Сепак, на удар се најдоа и многубројни долгогодишни и лојални поддржувачи кои со децении го следат тимот.

Илјадници навивачи добија електронски пораки во кои нивните профили се означени како „сомнителни“. Наместо клубот јасно да образложи за каков прекршок станува збор, од нив се бара сами да докажат дека се неправедно обвинети.

„Бесен сум, едноставно сакаат да нè избркаат. Тие веќе не сакаат лојални навивачи, туку купувачи. Мојот татко е пензионер и поседува сезонска карта уште од 1974 година. Не му оди лесно со технологијата откако билетите станаа дигитални. Одиме заедно на натпревари со децении, а сега сме соочени со огромна неправда“, изјави за Би-би-си еден револтиран фан со 35-годишен стаж на трибините.

Според клупските правила, сопствениците на сезонски карти мора лично да присуствуваат на најмалку 16 од вкупно 19 првенствени мечеви на „Олд Трафорд“. Минатата сезона Јунајтед веќе одзеде 500 сезонски билети за да ја зголеми понудата на билети во слободна продажба, што додатно ги засили сомнежите дека клубот брка поголем профит на штета на традицијата.

Официјалното здружение на навивачи на Манчестер Јунајтед потврди дека е затрупано со барања за помош и предупреди дека ваквиот потег нанесува непоправлива штета врз односот меѓу клубот и публиката. Сопствениците на блокираните профили во моментот поднесуваат жалби, а конечната одлука ќе ја донесе посебна комисија пред почетокот на новата сезона.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.