Хамес Родригез би можел да направи прилично неочекуван кам-бек во европскиот фудбал. Поранешниот ас на Реал Мадрид и Баерн Минхен е пред трансфер во Авелино, тим кој се натпреварува во италијанската Серија Б. Колумбиецот моментално е без клуб, откако во јуни го напушти американскиот Минесота Јунајтед. Во кратката епизода во МЛС-лигата Родригез забележа само осум настапи, на кои запиша две асистенции.
Доколку се реализира договорот со Авелино, 35-годишниот фудбалер повторно ќе игра во Европа. Последниот европски клуб на Родригез беше Рајо Ваљекано, каде што настапуваше до декември 2024 година, пред да продолжи во Мексико со Леон. Зад потенцијалниот трансфер стои и добро познато фудбалско име. Авелино го предводи Алесандро Неста, легендарниот италијански дефанзивец, кој веќе разговарал со Родригез за можноста Колумбиецот да се пресели во неговиот тим.
Според информациите од Италија, сите страни во моментов работат на финализирање на договорот, а официјалната потврда би можела да пристигне во најскоро време.
За Родригез ова би претставувало ново поглавје во кариерата која некогаш го однесе до самиот врв на европскиот фудбал. Сега, пак, го очекува можност да се врати на Стариот континент преку Серија Б и да се обиде повторно да го покаже квалитетот кој го красеше во најдобрите години.

