Тејрис Халибартон повторно се соочува со принудна пауза, откако плејмејкерот на Индијана Пејсерс заработи истегнување на левата задна ложа. Според информациите на новинарот Шемс Чаранија, сè уште не е познато колку долго ќе отсуствува од терените. Повредата доаѓа само неколку дена по емотивното враќање на американскиот кошаркар, кој претходно ја пропушти целата сезона поради скината Ахилова тетива на десната нога, заработена во финалето на НБА-лигата во 2025 година против Оклахома. По само четири одиграни натпревари, Халибартон повторно мора да го прекине натпреварувачкиот ритам.
На почетокот од сезоната тој бележеше просек од 21,8 поени, 9,5 асистенции и 4,5 скока, потврдувајќи колку е важен за играта на Индијана. Неговото враќање беше проследено со силни емоции, особено по победата над Њу Орлеанс, кога постигна 23 поени и подели 12 асистенции. Проблемите за Пејсерс се дополнително отежнати поради повредите на уште неколку кошаркари, меѓу кои Ивица Зубац, Ти Џеј Меконел и Бен Шепард. Така, тренерот Рик Карлајл се соочува со сè помал избор на играчи, додека тимот чека нови информации за состојбата на својот најважен организатор на играта.

