Данците со закупен крузер и гласна поддршка допатуваа во Осло, успеаја да се вратат од негатива од два гола, но за нивна несреќа, нордискиот фудбалски бог Ерлинг Халанд го имаше последниот збор. Со два погодоци и историска партија, гологетерот ја предводеше Норвешка до триумф од 3-2 на стартот од Лигата на нации, носејќи им ја на своите сонародници првата официјална победа над Данска во историјата.
Домаќините тргнаа со жестоко темпо. По перфектната асистенција на Мартин Одегард, Оскар Боб ја затресе мрежата во 14. минута, а само четири минути подоцна Антонио Нуса го пронајде Халанд кој рутински погоди за 2-0.
Овој прв погодок за Халанд имаше историска тежина, со него го постигна својот 63. гол во националниот дрес и официјално го претекна Златан Ибрахимовиќ на врвот на вечната листа на најдобри стрелци меѓу сите нордиски репрезентации.
Сепак, Данска одби да се предаде. Микел Дамсгард со фантастичен слободен удар во 25. минута ја врати надежта за гостите, а во 60. минута Расмус Хојлунд со глава донесе целосно израмнување (2-2).
И кога изгледаше дека Данците имаат психолошка предност, профункционира убиствената комбинација на Норвешка. По воиграна акција од корнер во 74. минута, Одегард повторно сервираше, а Халанд го постигна својот втор гол на мечот (64-ти во 56 настапи) за конечни 3-2 и тотална делириум на трибините.
Ова е историски прв триумф за Норвешка над Данска во натпреварувачки меч. Со овие три бода Норвежаните избиваат на врвот во групата заедно со Португалија, најавувајќи пеколна пресметка против Кристијано Роналдо во следното коло.

