Меѓународен фудбал Светски првенства Фудбал

Хакими самоуверено: Ние сме африканскиот Бразил, сите го знаат тоа!

Мароканската репрезентација со огромна самодоверба го очекува вечерашното дерби против Бразил  во рамките на групата Ц на Светското првенство. Десниот бек на ПСЖ, Ашраф Хакими, на официјалната прес конференција пред натпреварот испрати исклучително храбра и мотивирачка порака, нагласувајќи дека неговата селекција веќе има изградено реноме поради кое не се плаши од никого на планетава.

Мароканците воодушевија на претходниот Мундијал во Катар, каде што станаа првата африканска нација во полуфиналето, а во меѓувреме нивниот фудбалски систем донесе и светска титула во генерацијта  до 20 години. Токму затоа, Хакими смета дека пресметката со петкратниот светски првак доаѓа во идеален момент за неговиот тим.

„Максимално сме фокусирани да го дадеме најдоброто од себе. Ние сме Бразил на Африка и тоа им е јасно на сите. Свесни сме за нивниот индивидуален квалитет, но подготвени сме за овој предизвик и лично едвај чекам да започне натпреварот. Сакаме повторно да ги усреќиме нашите навивачи и да оставиме голем впечаток на овој шампионат. Сè зависи од нашиот старт, без разлика што за противник го имаме моќниот Бразил“, изјави Хакими.

Брзоногиот дефанзивец смета дека на големите турнири не постојат апсолутни фаворити на хартија и дека нијансите и ситните детали ќе го решат победникот на овој дуел. Интересно е што на спротивната страна тој ќе го има својот клупски капитен од ПСЖ, Маркињос.

„Не сме разговарале многу со Маркињос во изминатите денови, бидејќи и двајцата сме максимално фокусирани на обврските со националните тимови. Точно е дека одлично се согласуваме во Париз, но на теренот приказната е поинаква, двајцата ќе сакаме да победиме и нека ужива подобриот“, порачува бекот на Мароко.

Што се однесува до опасностите од таборот на „кариоките“, Хакими потенцираше дека најголемата закана ќе дојде од Винисиус Жуниор, за кого веќе имаат подготвено специјална тимска одбрана, а воедно изрази и жалење што Нејмар поради повреда нема да биде дел од овој спектакл.

„Добро го познавам квалитетот на Винисиус, сум играл против него неколку пати и за да го сопрете, мора да се браните како тим. Од друга страна, секогаш уживам во дуелите со најдобрите, а Нејмар дефинитивно е дел од таа елита. Знам дека ова можеби му е последно Светско првенство и навистина со задоволство би сакал да го видев на теренот против нас“, заклучи мароканскиот ас.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.