Македонски ракомет Меѓународен ракомет Ракомет

Гумерсбах му нанесе втор тежок пораз на Пелистер во Европската лига

Екипата на Еурофарм Пелистер претрпе нов тежок пораз во Европската лига, откако на гостувањето кај Гумерсбах загуби со убедливи 38-28 (20-15). Со овој втор неуспех во групната фаза, битолските „зелено-бели“ остануваат на дното во групата Г и значително ги намалија шансите за премин во следната рунда.

Иако избраниците на Лино Червар одлично влегоа во мечот и рамноправно парираа во воведните 15 минути благодарение на концентрираната игра во нападот и неколкуте добри одбрани на Никола Митревски, германскиот состав брзо го фати својот ритам. Предводени од разиграниот Алекс Душебаев, домаќините ја искористија ризичната игра на Червар „седум на шест“ и со неколку постигнати голови на празна мрежа заминаа на пауза со предност од 20-15.

Во второто полувреме сликата на теренот не се промени. Бројните загубени топки и грешки во организацијата на нападот беа сурово казнети од ракометарите на Гумерсбах, кои во финишот влегоа и со двоцифрена предност за запечатување на заслужениот триумф.

Кај Пелистер најефикасен беше Филип Кузмановски со седум погодоци, додека Видомски и Ристевски додадоа по четири. Во победничкиот табор доминираше Алекс Душебаев со девет голови, а Рогановиќ заврши со шест. Двете екипи за еден месец одново ќе си ги одмерат силите, но овој пат во Битола.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.