Грчката кошарка ја тресе невиден мега-скандал со местење натпревари, откако истражните органи по повеќемесечна тајна акција уапсија шест лица. Меѓу приведените се првиот човек на Кошаркарската федерација на Грција, Вангелис Лиолиос, познатата евролигашка судијка Василики Царуха, како и некогашните елитни арбитри Петрос Папапетру, Тасос Пилоидис, Илијас Коромилас и бизнисменот Јоргос Мавраганис.
Портпаролката на грчката полиција, Константија Димоглиду, во изјава за телевизијата „Алфа“ потврди дека целата операција била водена директно од обвинителот за спорт, по пријави кои стигнале директно до правосудните органи.
„Станува збор за повеќемесечна истрага по која беа идентификувани вмешаните лица, по што надлежниот истражен судија издаде налози за апсење. Сите шест лица беа приведени во рок од 24 часа. Имавме мали почетни потешкотии со идентификација на двајца од осомничените, едниот беше уапсен на аеродром при враќање во земјата, додека последното вмешано лице доброволно му се предаде на Одделот за борба против организираниот криминал по претресот на неговиот дом“, соопшти Димоглиду.
При полициските претреси биле пронајдени и запленети огромни парични средства, што дополнително ја потврдува сериозноста на организираниот криминал во спортските редови.
„Вкупно се запленети повеќе од 800.000 евра кај тројца од обвинетите. Кај едно лице е пронајдена помала сума под 10.000 евра, додека кај останатите две се пронајдени значително поголеми износи. Одземени се и нивните мобилни телефони и во тек се процедури за вештачење на уредите и укинување на тајноста на комуникациите. Очекуваме сите шестмина да дадат исказ пред истражниот судија, по што ќе биде донесена одлука за одредување мерка притвор“, додаде портпаролката на грчката полиција.

