Аталанта покажа редок пример на почит во современиот фудбал и за симболична сума од еден милион евра му дозволи на својот рекордер и апсолутна клупска легенда, Мартен де Рон, да оствари трансфер во Рома. Холандскиот играч од средината на овој начин одново ќе ги здружи силите со Џан Пјеро Гасперини, кој лично инсистираше на негово доведување во главниот град.
35-годишниот фудбалер со години беше вистинско срце и мотор на најславната ера во историјата на клубот од Бергамо. Откако во 2015 година пристигна од Херенвен за скромни 1,3 милиони евра, Де Рон брзо ги покажа своите квалитети и замина во Мидлсбро за 10,5 милиони, за само една година подоцна да се врати во Бергамо во трансфер вреден 16,7 милиони евра. Оттогаш тој стана незаменлива алка, предводејќи ја Аталанта до историскиот трофеј во Лигата на Европа и со над 436 настапи се искачи на врвот како играч со најмногу мечеви во клупската историја, надминувајќи го рекордот на Ѓампаоло Белини.
Покрај неуморното трчање и тактичката дисциплина на теренот, Де Рон се здоби со статус на еден од најомилените ликови во Серија А благодарение на неговиот автентичен дух, самокритичен хумор и непосредност. Кога Гасперини упати повик за ново поглавје во неговата кариера, управата на Аталанта оддаде почит за сè што тој направи за клубот и одби да му прави какви било сопки, брзо прифаќајќи го симболичното обештетување.
За „волчицата“ ова беше исклучително динамичен ден на пазарот, бидејќи покрај и искусниот Де Рон, во Рим официјално пристигна и аргентинскиот дефанзивец Леонардо Балерди од редовите на Олимпик Марсеј.

